



|
7-те РИЛСКИ ЕЗЕРА - МАЉОВИЦА (БУГАРИЈА)
14 -17, 08, 2008,
7 Рилски езера + Маљовица
На 14.8.2008 (четврток) околу 17.00 часот, (со мало задоцнување по моја вина) тргнавме од Скопје кон Бугарија. На граница потрошивме едно 2 часа за да влеземе во братската ни и соседна земја. Лека полека околу 23 часот се сместивме во Хижа Пионерска (1520 м.) во подножјето на Рила. Во овој период од годината на Рила се одржува редовниот годишен семинар на следбениците на Петар Д'нов, кои ги има од цел свет, па место по планинарските домови "трудно се намира".
Утредента (петок) решивме да направиме малка расхотка па појдовме до Хижа Скакавица, па на блискиот водопад, по кој, претпоставувам, го добила името, па оттука нагоре кон езерата. Групата се собра на, по мене најубавото езеро – Бубрегот (2282 м.). Малку одмор, некој залак, и не бива ако не качиме некој врв, правец Харамијата (2465 м.) - прекрасен врв кој ви го овозможува најубавиот поглед на речиси сите Рилски Езера. Горе, некоја фотографија, пак малку одмор, и конечно надолу кон Хижа Рилски Езера, некое пиво, па правец Пионерска. Малка расхотка од 10-12 часа пешачење. Вечерта, малку забава пропратена со песна и гитара, но наскоро заморот го направи своето, а и утре треба да се качува Маловица.
Сабота - околу 7.30, петнаестина планинари, тргнавме кон Маљовица 2729м. (останатите решија дека сепак прошетката по Рилските Езера и следењето на ритуалите на Д'новистите е поинтересно и секако помалку напорно). Искачувањето беше долго, висинската разлика помеѓу Бубрегот 2282 м. и Маловица 2729 м. и не е нешто, кога би се искачувала само еднаш. Качи се-симни се и тоа повеќе пати. Трудно. Патот, на еден дел, минува над Рилскиот Манастир па истиот може да се види како на дланка. Околу 13.30 бевме на врв. Пејзажите-награда за трудот, има што да се види, а горе, како во недела на Водно - митинг, планинари од цел свет, а и по патот, цело време се разминувавме со некого (многумина ја качуваат од другата страна - од ски центарот Маловица, па доаѓаат на Рилските Езера - каде што ноќеваат. Се смеевме - на нашите планини, ако не сретнеш некој овчар, можеш цел ден да шеташ и човек нема да видиш, ама тоа е веќе друга приказна. Околу 14.30, тргнавме назад, пак, нагоре-надоле, и со последни сили, околу 20.30, пристигнавме во нашата Пионерска (многу ме бендиса името - ме потсети на некое друго време). Имаше варијанта од Рилските езера да се симнеме со џип - цената од 5 евра по човек личеше висока ама кога пресметавме дека тоа се цели 7 пива во Пионерска - стана неприфатлива J. Вечерта - исто како претходната.
Недела. За недела баше планирано нешто по лесничко, кај да е кон 15.30 треба да се враќаме кон Скопје. Се прошетавме до Ловната Хижа, дел останаа да ручаат таму, дел продолживме кон Хижа Вада. Патеката води низ незаборавна борова шума, нешто како наш Пелистер, прекрасно. Лесна патека, целата во сенка, за мерак, дури да се запраша човек што бараме по камењата кога овде има ваква убавина. Ама погледот...
Патот назад нема потреба да ви го опишувам, во 21.30 бевме во Скопје, дури и на граница некако побргу поминавме. Сe на сe - прекрасна тура, добро се дружевме, а догодина секако ќе ја повториме, можеби со некоја измена на рутата, но во секој случај Рила ни е мила - како што пишуваше на еден камен крај патот.
Уше слики
Овде може да погледнете уште многу слики
|



|
ОСТРИ ВРВ - ПАТИШКА РЕКА
Тргнавме од Патишка река утрово околу 7 часот со цел да направиме брзо искачување на Остри Врв и да се вратиме дома за ручек. Ние 6-мина весели и расположени си се затрчавме по ридот нагоре се додека не ни текна дека можеби сме го утнале патот по кој знае кој пат, и како што е разбирливо за нас би било глупаво да се вратиме на ручек толку рано, па да не малтретираат домашните па кај сме тргнале рековме и да доодиме. По пат начекавме еден домородец и го прашавме за остри врв и тој со чудење ни рече дека такво на тој правец нема, има некоја си Рада и Миленков камен. Па кај било тргнавме натаму. По пат не фатија и облаци - некој ги вика магла, па цело време си велевме ај уште овај врв, па уште овај врв, се додека едно време околу 14 часот не почна да дува ветер и ги растера облаците, а пред нас пукна виделина и СОЛУНСКА ГЛАВА. Почнаа да паѓаат различни предлози што да правиме додека не се најде еден паметен и ни предложи да се вратиме назад. На патот назад конечно го начекавме и Остри Врв, а по патот до него инеколку длабоки јами. Се насе добра расходка по наша проценка некој си 35-40 км. На враќање накај Скопје по пат кратка станка за незаобиколното пиво (кога ќе не спонзорира некој од пиварите ќе кажеме и какво пиво сме пиеле).
Симо
Слики - е нема... |