Пејсаж од Кораб

ИЗВЕШТАЈ ДЕКЕМВРИ 2008

07.12.2008

Супер!

За нашето зимско искачување на Мусала

Има изгледа некоја повисока сила во пазувите на планините која не тера набрзина да ги заборавиме сите тешки моменти поминати на некоја тура. Вчера, на пример, го сретнав на Матка Игор од Битола, кој беше еден од  учесниците во експедицијата што летоска го искачи Мон Блан. Како си поминавте Игор, го прашувам, а тој како од пушка ми вели - супер. Потоа ми раскажа дека ги фатило големо невреме при искачувањето, "спиеле" во бивак на 4000 м и кога околу 3 часот по полноќ веќе неможеле да ги стоплат нозете, решиле да продолжат за да не се смрзнат. Имале среќа, невремето престанало па успешно ја завршиле авантурата.

Како си поминавме ние на Мусала, исто "супер". Турата во целина беше ОК, првата вечер спиевме во еден дом на Витоша, утредента малку шопинг на планинарска опрема по Софија, вечерта во планинарски дом во Боровец, а утредента, она за кое поголемиот дел од нас бевме дојдени - искачување на највисокиот врв на балканот - Мусала 2925 мнв. (Мус-Алах или планина на Алах, името го добила кога Бугарија била дел од Отоманската Империја). Планот беше доста релаксирачки, со жичара до Јастребец (2369 мнв) па од тука пеш до Мусала. Кратка тура од Јастребец до пл. дом Мусала 45 минути, од тука на врв 1.5 час назад уште побрзао се на се во 15 часот повторно на жичара и долу во Боровец. Сe ќе беше супер, арно ама, жичарата не работеше, имало невреме, паднале борови ... не е ни важна причината. Околу 8 часот тргнавме пеш кон пл. дом Мусала. Кога тргнавме времето беше какво што само може да се посака - сонце, снег на патеката не многу длабок, прекрасни пејсажи. Со еден краток одмор за отприлика 3 - 3,5 часа стигнавме до пл.дом Мусала. Краток одмор и во 12 часот продолживме кон врвот. Вистина е дека не предупредија дека времето сериозно се влошува и дека не е баш безбедно на вакво време да се продолжи кон врвот. Сепак поголема група од околу 20 планинари продолживме. Групата шаренолика, меѓу нас и две деца, Мартин - 12 години, Давид - 8 години. Како одевме нагоре температурата паѓаше, снегот се посилно врнеше, а ветрот стануваше се посилен. По час и половина стигнавме до заслонот Ледното Езеро, планинарска куќа направена за човек да се скрие од невреме, арно ама наидовме на затворена врата. Невремето се посилно. Видливоста едвај неколку метри. Можеби ова беше вистинскиот момент да се откажеме, ако не за друго, заради двете деца меѓу нас. Недоволната опременост на некој од нас, немањето челни ламби, соодветни ракавици, можеби некоја инекција адреналин и ... би требало да бидат дополнителна причина. Ќе беше полесно да можеше некој да причека во заслонот ама...  Сепак продолживме. Оттука до врвот би требало да има 30-40 минути искачување по сајла која Бугарските планинари ја поставиле за безбедност при искачувањето. Го качувавме час и половина. Невремето го направи своето. Како ни беше во овој час и половина, какви мисли ни се вртеа низ главите, што сe можеше да се случи, нема да ви раскажувам. Имавме многу среќа. На врвот има метеоролошка станица која воедно е и планинарски дом, па малку се згреавме. Се напивме по некој чај, но време за одмор нема, часот е веќе 15, а во 16 е веќе темница. Убаво ќе беше барем до пл. дом Мусала да стигневме дење, ама се виде дека нема шанса за тоа. Ноќта не фати малку под заслонот Ледно Езеро. За среќа Бугарите (за разлика од нас) имаат таква зимска маркација што е просто невозможно да се залута во планина. Во целата група имавме сe на сe 3 или 4 челни ламби. Првпат успеавме да направиме компактна колона и да се движиме низ планината како вистински планинари. Видов многу случаи кога си помагавме еден на друг. Си позајмувавме опрема. Можеби ова е најголемата придобивка од оваа тура, се зближивме и научивме по нешто. Во Боровец стигнавме околу 8.30 каде не чекаше автобусот. Вечерта дружба, утредента малку низ Самоков и правец кон дома. Сепак, покрај сe, како си поминавме? - СУПЕР, се разбира. 

+фотографии

Пепи Дамјановски

 

 

Он-лајн магазин за планианарски спортови

Маилинг листа за размена на информации од планинарските спортови

Официјален сајт на ПСД Железничар - Белград

STELATEX
Nedstat Basic - Free web site statistics
Personal homepage website counter

нагоре

мапа на сајтот

вебмастер