Иако условите не изгледааа поволни, решивме да го изведеме искачувањето на Баба (врв Пелистер 2601 мнв). Тргнавме со автомобил, бевме тројца: Влатко Милев, Љупчо Дебарлиев и јас Иван Јовановски - Карас. Во саботата наутро на 29.01. се упативме кон Битола. Местото кадешто го оставивме автомобилот е голем паркинг простор под хотелот Молика, каде од десната страна се одвојува пат кој води до објектите на врвот, и кој се користи како зимска маршрута бидејќи е најбезбеден, има зимска маркација, а и снегот е натапкан со ратрак кој ги превезува вработените во објектите на самиот врв.       Носевме доволно опрема, ранците ни беа тешки, а патот до недоглед, но - природата дава поткрепа. По неколкучасовно одење прва поголема пауза направивме во Ловечката куќа која е последниот објект се до врвот. Некаде пред седлото се стемни, на неколку пати ја губевме трагата на ратракот, и пропаѓавме во длабокиот снег. Околу 18:30ч стигнавме до платото веднаш под врвот од левата страна. Со помош на цепините го кршиме цврстиот снег за да направиме порамна површина за нашиот шатор (Татонка - Аљаска 3). Временските услови не дозволуваа да се опуштиме, ветрот кој интервално
се појавуваше влеваше страв да не ја оддува опремата. По повеќе од половина час сите тројца бевме во шаторот.       Првото нешто што требаше да го сториме е да свариме чај за да повратиме малку од долготрајното закотвување, веднаш по чајот следуваше супа и мали закуски. Ги пославме вреќите за спиење, колку да ги испружиме телата, и се менувавме во подготовките на втората тура чај и супа. Надворешната температура изнесуваше -15, додека во шаторот малку потопло -8 Ц, која варираше од време на време. Времето го минувавме во пријатни шеги и разговори за безброј нешта, а најмногу за планините и опремаатa. Веројатно, затоа што сме целосно зависни од нејзе во вакви екстремни услови.
Многу време потрошивме топејќи го снегот, кој во зимски услови е потребен буквално за се, бидејќи сета храна која ја носевме беше дехидрирана. По извесно време почна силно да дува, па излеговме да го прицврстиме шаторот со дополнителни јажиња. Вечерта ја поминавме во најдобар ред.       Утрото беше неописно, вознемирувачки прекрасно, со мака се пакувавме, но тоа е тоа, повторно ранците на грб, дерезите на нога и надолу по истиот пат. Накратко наминавме кај еден пријател (Јоце) и продолживме кон Велес на пастрмајлии, за некаде околу 20ч да бидеме во Скопје. Потполно истоштен, но со благопријатност во погледот се испружив и заспав. |