ПСД Кораб - Скопје оваа година го организираше 13-тото меѓународно искачување на највисокиот врв во Македонија Голем Кораб (2754 мнв) во име на Планинарската асоцијација на Македонија. Со искачувањето беше прославен Денот на државноста на Република Македонија 8-ми Септември, истото се одржа на 5-ти септември.
       Организационите активности започнаа еден и пол месец со известувањата и барањата поддршка од МО ГШ и МВР. Откако добивме потврдни одговори од истите, упативме покани до десетина планинарски федерации, а до некои од нив упативме и гарантни писма коишто им беа потребни за регулирање на визниот режим. Со оглед на поводот за организација на искачувањето беше упатен и јавен повик за учество до сите граѓани на Македонија, како и покани до сите планинарски друштва во Македонија.
       Во петокот и саботата на 03-04.09. членовите на друштвото организираа пречек на сите гости од странство кои имаа потреба да дојдат порано и да ноќеваат. Заради малите капацитети гостите беа распоредени 3 пл. дома, и тоа во „Матка“ каде беа смесетени 40-тина планинари од Србија и Црна Гора, Бугарија и Полска, потоа во „Тајмиште“ каде беа сместени 9 планинари од Бугарија и во „Смрека“ на Попова Шапка каде беа сместени 52 планинари од Србија и Црна Гора.
       Изутрината на 05.09. во 05ч тргна организираната колона, по пат имаше само кратко застанување во „Маврови анови“ за да се предаде списокот на учесниците во искачувањето во полициската станица, инаку за ова искачување друштвото обезбедува колективна дозвола од МВР за сите учесници. За организираниот превоз до Кораб друштвото обезбеди девет автобуси, 7 тргнаа од Дрводекор, 1 тргна од Куманово, 1 од Матка. Останатите учесници на искачувањето од Скопје, од странство и од внатрешноста на РМ дојдоа со сопствени автобуси и други превозни средства. Вкупната бројка на учесници во искачувањето е околу 1040, со напомена дека имаше гости од 14 држави. Од 65-те планинарски друштва коишто имаа свои претставници, 45 беа од земјата, а 20 од странство.
       Иако стартот на искачувањето е од караулата „Победа“ (1454 мнв) автобусите одат само до месноста Штировец (1281 мнв) и последните 2 км се поминуваат пешки до караулата. По краткото официјално отворање започна искачувањето. Тоа беше глетка што одамна не е видена, цик-цак колоната на падината кон Нистрово бачило беше извонредно редок призор. По еден час од почетокот на искачувањето на барање на припадниците на АРМ беше направена пауза во траење од час и половина заради безбедносни причини, имено беше приметена илегална група од Албанија во реонот на Кобилино поле, по успешната интервенција на припадниците на АРМ и расчистување на теренот колоната го продолжи искачувањето кон врвот. Колоната учесници на искачувањето благодарение на брзата и успешна интервенција на војската, не беше во ниту еден момент во опасност.
       Стартот на искачувањето беше по многу убаво сончево време но за жал веќе на 2200 мнв колоната навлегува во магла и не можеше да се ужива во фантастичниот поглед од гребенот. Иако застојот беше релативно долг сепак над 500-тини планинари го искачија врвот совладувајќи вкупна висинска разлика од 1650 мнв по патеката преку гребенот којашто иако потешка (патеката преку Кобилино поле има 1500 мнв висинска разлика и вкупно е околу 2 час пократка) е многу поатрактивна, и потоа се вратија до караулата. При целото искачување имаше само 3 повреди од полесна природа, и после укажаната помош повредените планинари безбедно се вратија до караулата. За успешноста на искачувањето доволно говори фактот за задоволството што го искажаа големото мнозинство учесници, како и заинтересираноста за искачувањето на Голем Кораб во идната 2005-та година.
       Сметаме дека према бројот на активни учесници, ова е веќе најголема спортска манифестација во РМ, многу афирмативна за македонското планинарство и воопшто за РМ. Се надеваме дека со евидентирањето на некои превиди од објективен карактер и нивно отстранување, во наредните искачувања на Голем Кораб ќе постигнеме уште поголема масовност и успех.
       Голема благодарност до сите учесници на искачувањето за нивното коректно однесување, се надеваме на уште поголема масовност идната година.
       Голема благодарност до сите медиуми кои го објавија јавниот повик до планинарите и сите граѓани на РМ за учество во искачувањето, како и извештајот од истото. Посебно благодарност до ТВ Скајнет, Радио Антена 5, ТВ Телма и др.
       Голема благодарност до МВР и посебно до нејзините припадници од станицата во „Маврови анови“. Голема благодарност до АРМ и посебно до нејзините припадници стационирани во караулата „Победа“ за успешното обезбедување на теренот и помошта во организацијата на искачувањето.
|