Пејсаж од Кораб
Маилинг листа за размена на информации од планинарските спортови
Официјален сајт на ПСД Железничар - Белград
Он-лајн магазин за планианарски спортови

.


16-ТО ИСКАЧУВАЊЕ „ГОЛЕМ КОРАБ 2007“


         Кораб е единствената планина во Македонија со алпски карактеристики. Пејсажите и климата потсетуваат на алпските предели, додека флората и фауната се вообичаени за балканските планини. Во должина Кораб е долг 31 километар, во широчина 26 километри. На запад се граничи со Шарскиот масив, на југ со Крчин, а на исток со планината Бистра. На Кораб има осум постојани и десетина непостојани езера. На Кораб се наоѓа еден од најубавите кањони во Македонија. Тоа е кањонот на Длабока, или Нистровска, река, според селото Нистрово. На истата река, во тешко пристапен терен, се наоѓа и најголемиот водопад во Македонија со должина од 138 метри.
         Една од најзначајните карактеристики на планината Кораб е тоа што таа е една од ретко девствените планини во Македонија. Се наоѓа во пограничната зона меѓу Република Албанија и Република Македонија. Од 1949 година Кораб е дел од Националниот парк „Маврово“. Од тие причини е тешко достапен и се потребни посебни дозволи и најава во полициската станица во Маврови анови и кај пограничната полиција. На тој начин Кораб е сочуван од сите влијанија на современата цивилизација. Тоа е простор каде што со километри нема знаци на урбаниот живот.
         Првото искачување на врвот Голем Кораб (2754 мнв.), со планинарски мотиви, е забележано во 1923 година, не упати Љубомир Котевски, претседател на планинарското спортско друштво „Кораб“ од Скопје. „До 1991 година за искачување на врвот „Голем Кораб“ беа потребни посебни дозволи. Такви дозволи беа потребни и по 1991 година, но по иницијативата на група ентузијасти за Денот на државноста на РМ – 8 Септември да се искачат на највисокиот врв во Македонија, акцијата од година во година се повеќе растеше. Најголем број планинари кои го освоиле врвот имаше во текот на минатогодишната акција кога на врвот се искачија 1580 планинари, од кои 530 беа од 23 различни земји во светот“, вели Котевски. Во искачување на врвот „Голем Кораб“ годинава учествуваа 1150 планинари, од кои 230 од 17 држави во светот.
         Вистински предизвик е да се учествува во акцијата којашто ја организираат членовите на Планинарското спортско друштво „Кораб“. Почетокот на акцијата од Скопје беше закажан во раните утрински часови. Автобусите од Скопје тргнаа во 05.00 часот. Автобускиот превоз завршува над караулата „Стрезимир“, на падините на Кораб, на надморска височина од 1280 метри. Понатаму се продолжува пеш до караулата „Победа“, на 1450 метри, од каде официјално започнува искачувањето на Кораб. Должината на патеката е околу 9800 метри во еден правец. Вкупната височина која се совладува е околу 1520 метри. Просечното времетраење на искачувањето е околу 4,5 часа. Патеката е обележана со планинарски ознаки, се оди во колона, и можноста да се изгубите се сведени на минимум. На патеката беа поставени четири кампови на Тимот за безбедност на планина при Црвениот крст на Македонија и патроли на Граничната полиција на РМ.
         На околу 200 метри над стартната позиција се наоѓа Шаќировото бачило. Тоа е последниот знак на цивилизацијата на патот кон врвот. Понатаму се протегаат непрегледни пасишта порабени со високите планински врвови на Кораб. Велат дека Кораб има 52 врвови повисоки од 2000 метри. Најпознати се највисокиот, врвот „Голем Кораб“ (2754 мнв.), потоа „Кепи Бар“ (2595), „Црна чука“ (2572), „Мал Кораб“ (2425 ). Над Шаќировото бачило патеката води кон планински седло на височина од околу 1900 метри, од кое од другата страна во длабочина може да се забележи Фазлиевото бачило. На планинското седло имаше силен ветар, кој сепак не можеше да го попречи искачувањето. Денот беше прекрасен за искачување. Времето беше убаво и стабилно. Видливоста беше одлична. Од седлото патеката води под врвот „Кепи Бар“ кој се заобиколува во изохипса. Оттука погледот во лево се спушта кон неколку од малите планински езерца сместени на Кобилино поле. Доколку го свртите погледот наназад, во далечина се гледаат Мавровското езеро и планината Бистра надвисната над него. За првата визуелна средба со врвот „Голем Кораб“ ви остануваат уште околу половина час пешачење.
         Акцијата за искачување на „Голем Кораб“ традиционално се изведува на 8 септември, или, во последниве четири години, најблискиот викенд околу 8 септември, поради с` поголемиот број планинари кои доаѓаат од странство. Во овој период од годината вообичаено е топло и сончево време. Годинава, за првпат во последниве неколку години, врвот беше покриен со тенка снежна покривка. „Снегот му дава дополнителна убавина на Кораб“, радосно изјави Брацо Бабиќ од Сараево. Тој по трет пат се искачува на Кораб. Сега ги водеше планинарите на две планинарски друштва од Црна Гора. „Првпат сум на Кораб“, изјави Зоран Миротиќ од Планинарско - скијачкото друштво „Комови“ од Подгорица, и додаде дека е воодушевен од планината, но и од бројот на планинарите кои учествуваат во акцијата.
         Пред врвот го сретнавме и Милан Кишна, член на Планинарското спортско друштво „Копаоник“ од Белград. „Не ми е првпат да планинарам во Македонија. Сум бил на Пелистер и на Галичица, но првпат сум на Кораб. Кораб е неверојатен, гостопримството е одлично, луѓето се добри, сонцето е извонредно, природата е прекрасна, навистина сум восхитен“, со возбуден глас, колку од напорното искачување, толку од среќа што се наоѓа на самиот врв, ни изјави Кишна. Тој додаде дека во искачувањето на Кораб учествувале членови на планинарските друштва „Победа“, „Железничар“ и „Копаоник“ од Белград. На врвот сретнавме планинари од Хрватска, Бугарија, Унгарија, Латвија, Полска, Германија, САД, Канада, Нов зеланд. Бројката на планинари од Македонија е стандардна и во последниве неколку години се движи околу 900 до 1000 планинари од повеќе планинарски друштва од сите поголеми градови во Македонија. Во извештајот на организаторот на акцијата, ПСД „Кораб“ од Скопје, забележавме дека најмладиот учесник во акцијата имал 6 години, а најстариот 78 години.
         Престојот на врвот е дозволен до 14.30 часот. Потоа сите учесници во акцијата се спуштаат назад, кон караулата „Победа“. Времето поминато на врвот се користи за мал одмор, запишување во книгата на спомени, ставање печат во планинарските книшки како доказ дека врвот е освоен и фотографирање покрај камениот столб кој ја означува границата меѓу Македонија и Албанија, а истовремено и највисоката точка на планината. Од сите овие активности, на врвот врие како во кошница. Потоа следува враќањето назад по истата патека, но со полесен ранец, побрз чекор и поголемо чувство на среќа по успешното освојување на врвот. „Благодарност за поддршката во реализацијата на акцијата им упатуваме на МВР, Граничната полиција, полициската станица во Маврови анови и единицата на Црвениот крст на Македонија, но ќе нагласам дека, за жал, во акцијата воопшто не се вклучени оние кои би требало најмногу да се заинтересирани, а тоа е Федерацијата на планинарските спортови на Македонија и Агенцијата за млади и спорт“, истакна Љубомир Котевски.
         Акцијата за искачување на највисокиот врв во Македонија, благодарение на ентузијазмот на членовите на ПСД „Кораб“ прерасна во масовен планинарски собир. Освен значењето што го има за развојот на планинарскиот спорт во Македонија, акцијата го привлекува вниманието на с` поголем број планинари и љубители на природата од сите страни на светот, а со тоа ја афирмира Република Македонија како една од планинарските дестинации во Европа.

         Текст на Тони Димков, преземен од неделникот „Глобус“
         09.11.2007

         Галерија фотографии на Петровски Васе - Аманито, од искачувањето.
         Плакат на искачувањето.
         Уште една галерија на фотографии.

РУДИНЕ - производство и трговија со производи за широка потрошувачка
ФУКС - комплетна линија на лубриканти
Радио Антенна 5

нагоре

мапа на сајтот

вебмастер