На 08.05.05 во 07:15 од Скопје со една кола тргнавме јас - Јакимовски Андреја, Душко Христов, Илија Чилиманов и Благоја Јанковски. Одиме по автопатот Скопје-Тетово, се скршнува кај с.Желино и преку с.Јегуновце во 08:20 пристигнуваме во Старо Село на 800м. Времето е сончево и пред нас се отвора прекрасен поглед кон Љуботен и останатите врвови на Шара. Веднаш тргнуваме, се оди прво по патот кој во моментот се проширува потоа патеката продолжува низ шумата. Некаде над 1.500м веќе има снег кој паднал претходниот ден. Необично и интересно беше да се види штотуку разеленетата шума и полјанките со многубројни цвеќиња како се покриени со ненадејниот пролетен снег.         Околу 10:00 пристигнавме во пл.дом “Љуботен” на 1.615м. Околу домот има 10см снег кој бргу се топеше поради топлото и сончево време. Правиме пауза од 30мин., и во 10:30 продолжуваме. Веќе над домот времето е променливо облачно и со ветер кој многу се засили кога излеговме на сртот. Мек снег имаше се повеќе и наместа се газеше и во снег длабок повеќе од половина метар. Длабокиот снег и јакиот северен ветер на сртот придонесоа оваа акција да наликува на вистинско зимско искачување. Околу 12:45 сите четворица пристигнавме на врвот на 2499м. За чудо ветерот се смири и можевме без проблем да се насладуваме на погледот кој се пружаше од врвот. Околу 13:10 се враќаме назад и во 14:40 сме веќе назад во домот. Се одмораме на прекрасното сонце до 15:30 и потоа продолжуваме кон Старо Село каде што пристигнуваме во 17:00. Во Скопје се враќаме во 18:00.         Неколку фотографии од искачувањето: |